Снимка од пациент кој неконтролирано се тресе во ходникот на болница во кинескиот град Вухан, го заобиколи светот. Иако сцената повеќе потсетува на нешто што сме го гледале во хорор филмовите, станува збор за пациент заразен од коронавирус во состојба на силна треска, пренесува „Дејли Мејл“.

На видеото се гледа лице прекриено со јорган како неконтролирано се тресе, додека една жена му ја држи главата.

Силната треска е позната како еден од симптомите на коронавирусот што се прошири од Кина, а ова го потврди и првиот пациент кој се опорави од оваа болест.

Другите симптоми се налик на оние од обичен грип, како што се отежнато дишење и повисока телесна температура, што го прави овој вирус уште потежок за откривање.

Во меѓувреме, денеска и официјално е потврдено дека смртоносниот вирус е распространет низ сите региони на најнаселената земја во светот.

Потврдени случаи на коронавирус, со официјален назив 2019 n-CoV, има во сите 34 главни кинески региони. Најновиот потврден случај објавен денеска е регистриран во најоддалечениот југозападен регион Тибет.

Во моментов во Кина има вкупно 7.711 случаи на заразени, со десет во Хонгконг, седум во Макао и осум во Тајван.

Според податоците, најмалку 170 луѓе, сите во Кина, досега умреа како последица на новиот вирус. Инфекцијата се прошири и во најмалку 15 други земји, пренесува Би-би-си.

Коронавирусот се појави во Вухан, град во централна Кина и во изминативе неколку недели се шири со голема брзина.

Повеќето заразени и натаму се во Вухан, во провинцијата Хубеј, каде има околу 60% од потврдените случаи на коронавирус.

Денеска од Кина пристигнаа и охрабрувачки вести, според кои повеќе пациенти заразени од вирусот закрепнале и ги напуштиле болниците.

извор: Makfax