Припадници на државната полиција во Минесота ги уапсиле новинарот на Си-ен-ен, Омар Хименез, и двајца членови на екипата за време на преносот во живо од протестите во Минеаполис, кои беа предизвикани по смртта на Џорџ Флојд во рацете на полицијата, пренесува РТ.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат дека Хименез се идентификува себеси како новинар и им вели на полицајците: „Можеме да се преместиме таму каде што сакате. Во моментов емитуваме во живо “.

Хименез постојано сигнализира дека тој и неговата екипа ќе се оддалечат од областа и ќе одат каде што сака полицијата. Потоа, тој го продолжува својот извештај додека двајца полицајци го држат за раце и му велат дека е уапсен.

„Ќе сакате ли да ми кажете зошто сум уапсен, господине?” Хименез прашува во видеото. Друг член на тимот потоа повторува: „Ви кажавме претходно дека сме од Си-ен-ен“.

Ситуацијата потоа станува поинтензивна бидејќи полицајци продолжуваат со апсење на продуцентот  Бил Киркос и снимателот на Си-ен-ен, Леонел Мендез.

„Тука сме зашто си ја работиме работата како и вие“, може да се слушне еден од мажите како ѝ вели на полицијата.

„Нашата камера е на терен затоа што нашиот снимател сега е уапсен“, им објаснува еден од водителите во студиото на гледачите што гледаат како се одвива надреалната сцена.

„Никогаш не сум видел вакво нешто“, додава друг водител додека припадник на полициските сили ја носи камерата настрана, очигледно несвесен дека сè уште снима.

Си-ен-ен ги нарече апсењата јасно кршење на нивните права спорд Првиот амандман и ги повика властите веднаш да ги ослободи тројцата нивни вработени.

Претседателот на Си-ен-ен,  Џеф Цукер, разговарал со гувернерот на Минесота, Тим Волц, за апсењата. Цукер рече дека Волц се извинил, ја презел целата одговорност за тоа што се случило и дека работи на тоа да се ослободи екипата.

извор: Makfax