Извршниот директор на Институтот за човекови права, Мирослав Драганов, на денешната презентација на третиот мониторинг-извештај за реформите во судството кој се однесува на периодот од јануари до март оваа година истакна дека по поминати 5 месеци Судскиот совет и Советот на јавни обвинители немаат преземено никакви чекори за видливи резултати за решавање на случајот со злоупотреба на АКМИС-системот и местените судски предмети.

„Граѓанските организации треба да ги притиснат институциите што побрзо да ја истражат до крај злоупотребата на АКМИС-системот бидејќи целиот случај почна да се одолговлекува. Цели 5 месеци Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не преземаат конкретни чекори за решавање на овој проблем“, вели Драганов по што додаде дека како дополнителна причина за побрзо решавање на случајот е тоа што напредувањето на судиите во изминатите 8 години се засновало на токму на овој систем.

Првиот човек на Институтот за човекови права исто така истакна дека на седницата на Судскиот совет која се одржа на 4 март било извршено вонредно оценување на судиите, со што се укажува на фактот дека голем дел од судиите не биле соодветно оценети.

„92 отсто од судиите во 2015 и 2016 година биле оценети со највисока оценка, а за разлика од тоа само 20 отсто од претседателите на судовите биле оценети со највисока оценка. Се поставува прашањето доколку биле добри критериумите овие 8 години зошто сега се потребни измени и дали тоа укажува дека претседателите на судовите биле по неефективни и понепрофесионални од нивните колеги судии“, рече Драганов.

Виктор Јованов

извор: Makfax