Силна експлозија ја потресе денес металуршката фабрика во израелскиот приморски пристанишен град Ашдод, во која засега има потврдено двајца загинати и двајца повредени како резултат на инцидентот, соопшти израелската полиција, пренесува „Спутник“.

„Добиен е извештај за експлозија во фабрика за метали во индустриската област во Ашдод, повредени се голем број луѓе“, напиша полицијата на Твитер.

Безбедносните сили пристигнаа на местото на настанот и започнаа прелиминарни истражни постапки.

Во меѓувреме, „Тајмс  оф Израел“ објави дека двајца работници загинале, а други двајца биле повредени како резултат на експлозијата, наводно предивикана од гас, во фабриката во Ашдод. Едниот загинат бил Палестинец, а другиот бил турски државјанин.

Веб-страницата „Вала“ објави дека првичната истрага на полицијата утврдила оти експлозијата се случила додека работниците заварувале резервоар за гас.

Хези Шварцман, раководител на Директоратот за безбедност при работа при Министерството за труд, изјави дека фабриката работела незаконски три години откако биле откриени безбедносни пропусти.

„Ова е фатален инцидент. Инспекторите се на местото на настанот со полицијата и службите за итни случаи. Причините за експлозијата ќе бидат целосно испитани “, рече Шварцман.

извор: Makfax