По денешното судење во Кривичниот суд за предметот „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски се пожали дека судот повторно, како што рече, надвор од работното време, го продолжил судењето без да образложи која е причината за тоа. Според него, случајот нема потреба од брзање.

„Иако знаеле ова да ни го прават по 11-12 часа, ова е сега помалку, но сепак е без никакво образложение имаме продолжување на рочиштата, како што немаме за други случаи и личности во овој суд каде можете да забележите дека веќе сите вработени освен обезбедувањето, се заминати“ рече Груевски.

Тој нагласи дека на рочиштето биле сослушани 11 сведоци и дека сите сведочеле во корист на одбраната.

„Она што денес беше суштинско и е важно да се каже е дека се сослушаа 11 сведоци и сите сведочеа во наша полза. Така што заедно со претходните сведоци, и сите 15 што сведочеа и беа предложени од СЈО…и тие сведоци и сведоците кои ние ги предложивме и денешните сведоци, сите до еден сведочеа во корист на одбраната и во исправноста на она што ние го тврдиме, а не во она што обвинителството го тврди“ рече Груевски.

Експремиерот рече дека е важно сведочењето на сите тие сведоци, зошто, според него, се работи за стручни лица кои детално одговориле на нападите на обвинителството.

извор: Makfax