Во кампот за мигранти на грчкиот остров Лезбос во раните утрински часови избувна пожар, соопшти грчката противпожарна служба.

Засега нема податоци за штетата, ниту за причините за пожарот во кој изгореа шатори и контејнери за сместување на мигранти, пренесува „Ројтерс“.

Полицијата соопшти дека мигрантите биле пренесени на безбедно место, а во гаснењето на пожарот учествувале 25 пожарникари со 10 возила.

Според градоначалникот на Мајлинен, главниот град на Лезбос, Стратос Кителис, пожарот се проширил внатре и надвор од кампот и го уништил, а ситуацијата ја влошува и фактот што меѓу мигрантите во кампот има позитивни на коронавирус, пренесува АП.

Локалните медиуми пишуваат дека пожарот бил намерно подметнат во знак на протест против карантинот на кампот, а за време на гаснењето, пожарникарите се соочиле и со отпорот на некои мигранти да се евакуираат. Тој камп беше ставен во карантин минатата недела поради појава на еден случај на вирусот Ковид-19, а до вчера, бројот на заразени мигранти се искачи на 35 лица.

Околу 12.500 мигранти се сместени во кампот Морија, иако капацитетот за сместување на таа установа е четири пати помал.

извор: Makfax