Бесни поради безбедносните мерки за коронавирусот донесени од властите, голем број затвореници го презедоа затворот во Болоња, предизвикувајќи пожар, пренесува РТ, додавајќи дека немирите зафатија и други затвори низ целата земја.

На снимките обезбедени од „Раптли“ се гледаат облаци црн чад што се вртат на ноќното небо над затворот „Доца“ во кој се сместени 800 затвореници. Во понеделникот вечерта затворениците запалија пожар во комплексот, бунтувајќи се против уредбата на владата за итни мерки со кои се ограничуваат посетите на семејството во затворите.

Бидејќи немирите ескалираа, полицијата испрати засилувања за да ги поддржи 350 полицајци кои се обидоа да го одржат редот во „Доца“. Испратени се и амбулантни возила иако досега не се пријавени повредени.

Немирите избувнаа и во други затвори низ целата земја погодена од епидемијата, вклучително и во Милано, Модена и во Павија.

Италија стана најголемо жариште на коронавирусот во Европа, а вкупниот број случаи се зголеми за 1.797 за само еден ден. Во услови на криза, италијанската влада презеде невидена мерка, наметнувајќи режим на ограничено движење во целата земја.

извор: Makfax