Двајца полицајци од Лос Анџелес закрепнуваат во болница откако беа застрелани во заседа, соопшти полицијата.

Снимката од инцидентот покажува еден човек како се приближува до полициското возило, по што пука во полицајците и бега.

Не е познат идентитетот на полицајците, но неофицијално се дознава дека се работи за 31-годишна жена и 24-годишен маж. Полицајката е застрелана во градите и раката и била во критична состојба, но сега е стабилна по операцијата, велат од полицијата. Нејзиниот колега е застрелан во челото, раката и дланката, а неговата состојба е опишана како „алармантна“, пренесе Еј-Би-Си њуз.

Шерифот на полицијата во Лос Анџелес, Алекс Вилануева, овој чин го нарече кукавички, а осомничениот за нападот се уште е во бегство.

„ Ова е само мрачен потсетник на тоа дека ова е опасна работа. Акциите имаат последици и нашата работа не станува полесна бидејќи луѓето не сакаат спроведување на закони“ рекол шерифот.

Полицијата објави дека нуди 100.000 долари награда за оној кој ќе достави какви било информации за засега непознатиот напаѓач.

Демонстрантите извикуваа пароли против полицијата и го блокираа влезот во амбуланта во која се наоѓаа двајцата повредени полицајци, соопшти полицијата. Уапсени се две лица, меѓу кои и еден новинар, за кој полицијата тврди дека се обидел да го попречи апсењето на друго лице кое не се идентификувало како член на медиумите.

На неговиот профил на Твитер, претседателот Доналд Трамп, сподели видео од инцидентот.

„ Животни кои треба силно да бидат удрени“.

Неговиот демократски противник на претстојните избори, Џо Бајден, рече дека се моли полицајците да закрепнат што е можно побрзо.

„Ова ладнокрвно пукање е несовесно и сторителот мора да биде изведен пред лицето на правдата“, објави тој на Твитер.

„Насилството од секаков вид е погрешно; оние што го прават тоа треба да бидат фатени и казнети“ додаде Бајден.

Статистиката на ФБИ открива дека во 2020 година биле убиени скоро 40 дежурни полицајци. Осуммина од нив се жртви на заседи како оваа.

извор: Makfax