ВМРО-ДПМНЕ предлага предлог-закон за формирање на специјална државна комисија за заштита и борба против пандемии и епидемии. Како што истакна Атонијо Милошоски, тие вчера предлогот го доставиле до министерот за здравство, Венко Филипче, но тој ги одбил.

Опозицијата предлага комисијата да брои 11 члена, меѓу кои министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а внатре би членувале специјалисти инфектолози 3 членови, епидемиолози 2 членови, микробиолози 2 членови имунолог еден член и специјалист интернист еден член.

„На наше разочарување оваа идеја и предлог не беа прифатени од министерот за здравство. Очигледно е дека министерот за здравство за разлика од мнозинството во јавноста се уште има блиска доверба во неговата советодавна Комисија за Ковид што ја предводи докторот Караџовски, за која Комисија ние сметаме дека носи дел од одговорноста за многу ненавремени или за многу несоодветно преземање на мерки изминативе пет месеци. Затоа сметаме дека Македонија мора да реагира посериозно, мора некој за сегашната ситуација да понесе одговорност и мора постручни лица да ги заземат местата на оние членови на Комисијата кои одеа на концертот на Владо Георгиев во дискотеката Мош“, рече Милошоски.

Според ВМРО-ДПМНЕ актуелниот предлог-закон за заштита на населението од заразни болести, не содржи конкретни мерки за борба против пандемијата, нема мерка за зајакнување на капацитетите на институциите кои што вршат Ковид тестови, нема мерка за поевтино тестирање на ризичните групи на население како пензионери или хронично болни, ниту има мерка за пошироко тестирање по однос на бројка во позагрозените општини како што се Скопје, Прилеп, Струмица, Тетово и други градови.

„Сметаме дека овој закон е повеќе техничка измена и дополнување наместо да биде закон во кој што би имало суштински мерки за борба и справување против пандемијата. Морам да напоменам дека на ова ниво на загрозеност од пандемијата каде што Македонија за жал има една од најголемите стапки на смртност по однос на еден милион жители во Европа дојдовме и како резултат на несоодветните мерки и слабата доверба која што Комисијата на министерот за здравство ја има кај јавноста. Сметаме дека оваа комисија која што уште пред изборите почна да ги политизира мерките, а во последно време видовме дека беше и пасивна кога некои ресторани, дискотеки во Скопје и во Струмица блиски до семејството на власт правеа концерти, забави, журки и тогаш не се реагираше соодветно носи дел од одговорноста за оваа загрижувачка состојба со пандемијата со Ковид“, рече Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ ја повикува власта во текот на денешниов ден, да закаже собраниска седница, на која ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат за да има кворум.

„Знаеме дека немаат кворум, но ние ќе бидеме коректни, ќе го направиме кворумот на собраниската седница. Иако ќе бидеме воздржани, сепак ќе овозможиме овој предлог закон да помине. Но, предупредуваме уште еднаш, ваков каков што е не очекуваме да донесе преголеми резултати, бидејќи во законот недостигаат суштински мерки за борба против пандемијата“, додаде Милошоски.

 

 

извор: Makfax