ВМРО-ДПМНЕ бара да се отвори постапка за случајот со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“ во кој беше откриено дека на една фризерница ѝ биле доделени 270.000 евра. Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, станува збор за класична злоупотреба на институциите.

„Јавното обвинителство за организиран криминал до сега требаше да биде влезено во агенцијата со која раководи Лидија Димова и да има отворено истрага. Но, тоа нема да се случи доколку не се изврши јавен притисок, бидејќи со тоа Јавно обвинителство командуваат Русковска и Зоран Заев“, рече Арсовски.

Додека граѓаните не можат крај со крај да врзат, додаде тој, гледаме дека функционерите во СДСМ си делат европски пари за едукација, образование, млади и спорт, на фризерници кои немаат врска со темата на проектот со кој што аплицирале.

„Во сите други земји вакви како што видовме за овој проекти добиваат угледни школи, училишта и универзитети, додека пак во Македонија вакви проекти добиваат берберници и фризерници, иако условот за добивање на грант е правниот субјект да дејствува во областа на проектот. Затоа и на ова дереџе ни е дојдено образованието во Република Македонија. Лидија Димова, директорката од СДСМ, исплатила европски пари 270.000 евра во рок од 3 години преку неколку грантови на фризерски салон или берберница со две столчиња, сеедно, каде што една од темите на грантот за оваа година била фризерницата да едуцира за медиумска писменост во дигиталното опкружување. Неверојатно“, кажа Арсовски.

Имено, додаде тој, за лицето Зоран Златковски кој е сопственик на фризерницата се знае дека бил обучувач на наставници во агенцијата со која раководи Лидија Димова и познато е дека близок нејзин пријател од порано од граѓанскиот и партискиот активизам на СДСМ.

извор: Makfax