Петчасовната работна средба во Министерството за правда на која се разгледуваа амандманите на опозициската ВМРО – ДПМНЕ за Законот за Јавното обвинителство, а во кој е регулиран и статусот на специјалното јавно обвинителство, заврши без договор.

Министерката за правда, Рената Дескоска, рече дека клучните разлики се однесуваат на СЈО.

„Разговаравме член по член, го претресовме целиот закон и ако на другите членови можевме да најдеме заеднички јазик, суштинските разлики останаа во делот на СЈО. Барањето коешто го доставија, СЈО да биде дел од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а не посебно обвинителство е прашање коешто реално не може да биде прифатено, од причина што една од стратешките определби е дека СЈО треба да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство“, рече Дескоска.

Друга клучна разлика, додаде таа, е разликата околу судбината на овие истраги коишто се во тек од страна на СЈО, предистражни постапки и обвиненија коишто се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите.

„Барањето коешто значи прекинување на овие постапки и потоа нивно, ако треба, одново отпочнување, значи на некој начин губење на голем број докази коишто би биле сериозни докази во постапки, на тој начин нивниот предлог содржи опасност од неуспешно завршување на многу постапки а со тоа и амнестирање“, рече министерката.

Дескоска рече дека со оглед на тоа што на состанокот не бил најден заеднички јазик, двете страни се договориле ВМРО-ДПМНЕ да ги разгледаат уште еднаш аргументите на Министерството за правда и да ги преиспитаат ставовите и ако евентуално има одредени поместувања да се одржи уште еден состанок.

„Договорот е до четврток да ни бидат доставени во амандманска форма, оние предлози на коишто инсистираат да бидат вклучени во Законот за Јавното обвинителство, а потоа во петок да седнеме и да ги кажеме ставовите околу овие предлози“, изјави Дескоска.

извор: Makfax