„ВМРО-ДПМНЕ и вчера, по којзнае кој пат, повторно излезе со паушални и шпекулативни обвинувања за работата на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.За Мартин Талески, член на ВМРО-ДПМНЕ, таканаречениот „мораториум на градби“, односно Одлуката за неспроведување на деталните урбанистички планови е само една голема лага.Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ, категорично ги отфрлаат овие обвиненија како тенденциозни и неосновани“, се вели во реакцијата.

Според нив, ВМРО-ДПМНЕ имаа доволно време за да ги решат проблемите на Центар и на центарци, но освен криминален кич, разни преплатени споменици и неквалитетни градби кои попуштија веќе на првиот дожд и за кои сведоци се сите граѓани, друго ништо посебно не направија. Одлуката за неспроведување на деталните урбанистички планови, која Советот на Општина Центар по втор пат ја донесе откако Уставниот суд ја поништи првата Одлука и покрај сите притисоци, на долг рок се покажа како издржано решение, со цел да се стави ред во урбанистичкото планирање во општината. Првичната одлука за неспроведување на плановите во себе вклучуваше 31 ДУП, 6 веќе планови се веќе донесени, а на останатите се работи интензивно.

„Се наоѓаме на една од локациите, тоа е познатиот памп-трак кој што го изгради Град Скопје, во соработка со Општина Центар. На ова место во плановите од 2012-та година тогашните советници, предводени од ВМРО-ДПМНЕ и тогашното раководство на ова место вцрта хотел од 6 спрата и поткровје, а ново општинско раководство заедно со Советот ја избриша таа маркица и денес тука имаме памп-трак, односно место што е во корист на граѓаните, а не во корист на бизнис кои ги имало општинското раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е само еден пример. Имаме неколку вакви примери каде што се дислоцирани сите објекти кои претставуваа пречка на граѓаните, избришани се неколку катни гаражни, неколку згради и објекти, а на нивно место се вцртани паркови, детски игралишта, сѐ на барање на жителите“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Ова раководство на Општина Центар, за разлика од минатите, кога Детални урбанистички планови се гласаа доцна во ноќта и без присуство на јавноста, во целост го почитува процесот на донесување на ДУП-овите. Граѓаните и стручната јавност се вклучени во изработката на ДУП-овите и информациите за постапката и фазите на донесување на сите планови се објавени на општинската веб страна. Општина Центар работи во интерес на граѓаните, а не за нечии бизнис интереси, нешто што беше карактеристично за локалните раководства, но и централната власт во време на ВМРО-ДПМНЕ. Ги повикувам колегите од ВМРО-ДПМНЕ, додаде Богдановиќ, да дадат конкретни и конструктивни предлози како да дојдеме до подобри и похумани планови за живеење, а не како плановите што ги имаат донесено во нивно време, каде освен за бизнис интереси, воопшто не се размислувало за јавниот интерес.

„Општина Центар најде начин, даде решение и веќе има резултати. Доколку ВМРО-ДПМНЕ се толку загрижени, нека го кажат нивниот став што мислат за Деталните урбанистички планови донесени во 2012-та и порано, со кои што луѓето се незадоволни и нека го кажат ставот за донесувањето на плановите на Општина Центар денес“, се додава во реакцијата.

извор: Makfax