Дваесет и три надворешни советници на Заев го чинат народот 246.000 евра годишно, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Ништо не може да го испере луксузот на Зоран Заев и неговите советници во кабинетот во владата. Над 20.000 евра секој месец одат за нето плати на советниците на Зоран Заев, 23-ца луѓе за кои никој ништо од граѓаните не знае што работат и за што ги трошат парите на граѓаните. Тоа се над 240.000 евра годишно кои граѓаните ги даваат за советите на 23ца луѓе кои му ги даваат на Заев, а резултатот од тие совети е катастрофален како што може да видиме изминатите три години. Или тие не знаат да го советуваат и му се лоша кадровска политика што е поверојатно, или Зоран Заев нема капацитет да разбере што го советуваат и да ја води државата, што пак во пракса се покажа дека е точно“, рече тој.

Арсовски вели дека Љубе Бошковски кажал дека на сопствен трошок имал средби со потенцијални инвеститори, а во Република Македонија, вели Арсовски, за жал и за волја на вистината нема ниту една единствена инвестиција донесено во изминативе три години.

„Ако навистина на свој трошок има средби г-динот Бошковски кој што е советник на Зоран Заев со потенцијални инвеститори, имајќи го на ум резултатот изминативе три години каде што ни една инвестиција не е влезена, лично јас топло би му препорачал да не си ги троши сопствените пари, бидејќи не може една инвестиција да донесе. Што пак е резултат дека Македонија воопшто не е привлечна за инвеститори“, рече Арсовски.

Ниту еднаш, додаде тој, не слушнавме изминатите три години што работат овие 23 советници на Заев и што го имаат советувано.

извор: Makfax