Долгогодишниот политички аналитичар Петар Арсовски во изјава за „Макфакс“ по повод изјавата на премиерот за евентуално помирување помеѓу пратениците за случувањата од 27 април, вели дека пораките кои премиерот Заев ги упатил од собраниската говорница, влијаат на судиите во смисла на општ политички дискурс.

„Не можам да ви дадам точен одговор дали премиерот влијаел директно на судството, бидејќи тие одлуки за ослободување од притвор се подготвуваат малку подолго отколку што би била директна неговата изјава за да влијае. Но, сигурно дека пораките за помирување влијаат на судиите во смисла на општ политички дискурс“, вели Арсовски.

Пратениците за кои судот вчера донесе одлука да бидат ослободени од куќен притвор имаат поднесено барање за истото уште од пред една година. На прашањето зошто токму сега непосредно пред гласањето во Собранието за уставните промени, Арсовски вели дека рочиштата биле закажани од пред некое време и оти не зне кога се напишани тие одлуки.

„Треба да се провери кога се напишани одлуките за да се види дали има некаква поврзаност. Не можам да ви дадам паметен коментар дали премиерот влијаел бидејќи немам увид во документите. Општиот политички дискурс кој е кон помирување влијае и на судиите, ако ништо друго барем од изјавите кои што ги гледаат во медиумите. Тоа може да влијае на омекнување на нивната условно речено строгост кон пратениците кои се обвинети за 27 април“, вели Арсовски.

Според него, во смисла на гонење на правдата, доколку има некакво помирување важно е да нема попречување на борбата со криминалот и правда.

„Ова треба да остане едно некапсулирано помирување кое е еднаш и само сега, ако продолжи во некакво откажување од борбата за правда тогаш имаме посериозен проблем“, рече Арсовски.

Во однос на гласањето за потребата за уставни промени кое најверојатно ќе се случи в петок, Арсовски вели дека одлуката на двајцата пратеници ослободени од притвор не може да влијае на крајниот резултат, туку очекува посериозен пакет за поддршка на договорот или во спротивно, доколку не се случи тоа, предвремени избори.

„Или ќе се направи посериозен пакет за поддршка на договорот од Преспа или ќе се оди на предвремени парламентарни избори. Не верувам дека одлуката на овие двајца пратеници ќе ја смени вкупната слика, или ќе се соберат повеќе пратеници, десетина кои ќе одлучат дека е важно да се поддржи договорот или ќе се оди на брзи избори“, вели Арсовски.

Виктор Јованов

извор: Makfax