Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски на прес-конференција во Велес, соопшти дека како резултат на засилените сообраќани контроли низ целата држава, евидентно е подобрувањето на дисциплината на возачите.

Според него, тоа се рефлектира и на значително намалениот број на сообраќајни незгоди и жртви.

„Споредено ноември 2020 година со ноември 2019 имаме за 21 отсто намален број на сообраќајни незгоди, за 36 отсто намален број на загинати лица, за 75 отсто намален број на загинати пешаци, а за 47 отсто е намален бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди“, истакна портпаролот на МВР.

Зборувајќи конкретно за територијата на СВР Велес, Ангеловски рече дека сообраќајните незгоди, осбено оние со тешки телесни повреди, се намалени за 62 отсто.

„За 67 отсто е намален бројот на загинати лица, а за 28 отсто вкупниот број на сообраќајни незгоди“, кажа тој во однос на статистиката за СВР Велес и порача дека засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови.

извор: Makfax