На десетгодишниот Стефан Јовановски од Скопје му се исполни новогодишната желба. Овојпат остварувач на детскиот сон не е Дедо Мраз, туку дневниот весник “Вечер”. Со парите од наградната акција на “Вечер”, со која им се заблагодаруваме на нашите читатели за нивната 40-годишна верност, Стефан ќе си го купи посакуваниот мобилен телефон. Така барем кажа неговиот татко, кој во име на својот син и сопругата Димитрула, вчера ја посети нашата Редакција и ја подигна паричната добивка од 8 000 денари. Во моментот кога тато ја подигаше наградата, Стефан воопшто не знаеше дека неговата желба е на пат да се оствари. Тој тогаш беше со своите другарчиња од четврто одделение во Основното училиште “Браќа Миладиновци”. А како десетгодишниот добитник раегирал кога стигнал во својот дом во скопската населба Кисела Вода, знаат само неговите родители. Но, веруваме дека бил пресреќен. “Кога ќе му кажам нема да ми верува. Ќе мисли дека го лажам, како што мислеше и неговата мајка кога и се јавив да и кажам дека од “Вечер прес” ме известија дека сме добитници на 8 000 денари” – ни рече таткото на малиот Стефан. Во фамилијата Јовановски весникот се купува редовно и се чита секоја негова страница. Мама Димитрула заедно со Стефан секој ден ги сечат купоните, го составуваат името на единствениот семеен дневен весник и ги испраќаат на нашата адреса. Едно од многуте пликоа кои ги испратиле им донесе среќа. Но тоа не значи дека ќе запрат со учеството во наградната акција. Секако дека уште 8 000 денари добро би им дошле. А бидејќи ова им е прва поголема награда што воопшто ја добиле, тие се надеваат дека ќе тргне работата на подобро и во иднина редовно ќе имаат шанса да се радуваат на награди. Па Стефан, честито мобилен телефон и да примаш само убави пораки!