Петтата хала на Скопскиот Саем стана вистинска оаза на македонската модна сцена. По интересните два дена, третиот н&”238; остави без здив. А, токму на третиот ден од “Пежо модната недела” редоследно се претставија: Сека Радончич, Ненад Секирарски, Бојана Неткова, Љубиша Савевски и Зиане Бакиу. Екстравагантната и префинета женственост повторно беше главната инспирација на колекцијата на Сека Радончиќ. Нејзината ексклузивна колекција е изработена од висококвалитетно памучно кадифе и свилен сатен со многубројни модни додатоци, меѓу кои и специјално аплицираните везови од свилен сатен. Со оваа нејзина колекција Сека уште еднаш потврди дека многу одамна ја има надминато македонската модна сцена и дојде времето да ги освојува и светските модни метрополи. Контраст на крзно и лесни материјали, магичен дуализам на женската нежност и сексапил беа главните атрибути од колекцијата на младата креаторка Бојана Неткова. Овој пат нејзината порака беше дека облеката може да се носи за повеќе пригоди и на повеќе места. Ненад Секирарски повторно е инвентивен, свеж и необичен. Во неговата колекција претставена преку осум модели се покажа неговата способност и вештина да создаде колекција, која ќе има своја единственост и компактност. Белата боја уште еднаш го нагласува концептот на конструктивизам и елеганција. Талентираниот Љубиша Савевски, кој за првпат се претставува пред модната публика во Скопје, реши да дебитира со својата колекција инспирирана од модата на 20-тите. Неговата линија е наменета за динамичните жени, без воздршки, приврзаници на ергономска облека. Љубиша посебно н&”238; заинтригира со својата интересна игра со стајлингот и шапките. Третиот ден од модната недела заврши со ревијата на Зиане Бакиу, која преку своите венчаници ја навестува еманципираната и слободна жена неоптоварена од трендовите, со чувство дека самата го креира својот стил. Вечерва со свои ревии ќе настапат Лиле Корубин и француските креатори, а за првпат на Балканот, и тоа во Скопје, со своја ревија ќе се претстави и познатата модна куќа на долна облека “Викторија Сиктрет”.


(А.Н.) Фото: В.Перковски