На сцената во „О2″ арената во Лондон ќе настапат бројни музички ѕвезди како што се: Адел, Викенд, „Колдплеј”, Ријана, Џастин Бибер, Џес Глин, Џејмс Беј и „Литл микс”. Според бројот на номинации предводи суперѕвездата Адел, нејзиниот колега Џејмс Беј и групата „Years & Years”, секој од нив во трка за по 4 статуетки, а по три номинации добија шкотскиот диџеј и продуцент Келвин Харис и младата ѕвезда Џес Глин.

Улогата на домаќини по трет пат му припадна на водителското дуо Dan & Phil, а ќе му се оддаде почит и на неодамна починатиот великан на британската и светска музичка сцена, Дејвид Боуви, кој на почетокот на годинава ја изгуби битката со ракот. Легендарниот музичар последен пат освои БРИТ награда во 2014 година, кога беше прогласен за британски изведувач на годината, a во 1996-та му беше врачена наградата за особен придонес во британската музика.

Британските музички награди, познати и како БРИТ награди, Британската фонографска индустрија започна да ги доделува во 1977 година. Популарниот пејач Роби Вилијамс го држи рекордот со најмногу освоени статуетки – 12 како соло изведувач и уште пет како дел од групата „Тејк Дет”.