Венецуела побара од Банката на Англија да продаде дел од резервите на злато коишто јужноамериканската земја ги чува во трезорите и парите да ги уплати во Обединетите нации затоа што и се потребни средства за да ја спречи епидемијата на коронавирус, пренесува Ројтерс цитирајќи два извори запознаени со ситуацијата.

Венецуела со децении ги депонираше своите резерви на злато во странските финансиски институции, вклучувајќи ја и Банката на Англија. Банката од 2018 година одбива да префрли 31 тон злато на владата на претседателот Николас Мадуро, кого Велика Британија одбива да го признае како легитимен претседател на Венецуела.
       
Програмата за развој на Обединетите нации соопшти дека истражуваат како да се користат ресурсите на Централната банка на Венецуела во странските финансиски институции за да се помогне на земјата во борбата против пандемијата. Засега нема информација колку злато сака Венецуела да продаде од Банката на Англија, а по сегашните пазарни цени златото би вредело околу 1,7 милијарди долари.

извор: Makfax