Венецуела има намера да отвори канцеларија на својот нафтен гигант ПДВСА во Русија, изјави венецуелскиот министерот за нафта, Мануел Кеведо, пренесува „Спутник“.

„Ние продолжуваме да ја зајакнуваме нашата соработка со Русија и планираме да отвориме канцеларија на ПДВСА во Русија”, рече Кеведо на состанокот на ОПЕК-нон-ОПЕК во Баку.

Тој, исто така, истакна дека Венецуела ги исполнува своите обврски кон рускиот енергетски гигант „Роснефт“ и би сакала да ги зголеми испораките на нафта.

„Нашата главна цел е да ги зајакнеме односите со Русија и со Кина”, додаде министерот.

Претходно овој месец, потпретседателот на Венецуела, Делси Родригез, објави дека Каракас одлучил да ја затвори канцеларијата на ПДВСА во Лисабон и да ја премести во Москва, објаснувајќи дека Европа не ги обезбедува потребните гаранции за заштита на средствата.

Во јануари, советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон, изјави дека САД наметнуваат санкции против нафтената компанија ПДВСА, додавајќи дека ќе блокираат 7 милијарди долари од средствата на компанијата.

Секретарот за финансии на САД, Стивен Мнучин, пак, нагласи дека со блокирањето на средствата на ПДВСА, САД ги чуваат средствата на компанијата во интерес на народот на Венецуела и го штитат сопствениот пазар.

Каракас го критикуваше овој потег како незаконски и го обвини Вашингтон дека сака да ги преземе рацете на венецуелските нафтени резерви.

извор: Makfax