Венецуелскиот претседател Николас Мадуро најави дека ќе бара доброволци за тестирање на вакцината против Ковид-19, развиена од Русија, „објави Би-би-си“.

Русија беше првата земја што официјално регистрираше вакцина против новиот коронавирус на 11 август.

Сепак, експертите веруваат дека таа не ги поминала сите потребни тестови.

Венецуелската влада, која доби милијарди долари заеми од Русија, вели дека е подготвена да учествува во клиничките испитувања.

„Во следните денови ќе бараме доброволци за вакцинирање“, објави претседателот Мадуро.

Руските научници рекоа дека раните фази на тестирање на нивната вакцина биле успешни, иако регулаторите го дале своето одобрување пред завршувањето на поголема студија во која учествувале илјадници луѓе.

Венецуелската влада исто така соопшти дека е подготвена да учествува во тестирање на кинески и кубански вакцини против Ковид-19.

Кина и Куба, заедно со Русија, се силни сојузници на Николас Мадуро, чија влада е се повеќе изолирана откако повеќе од 50 земји, вклучително и САД и Велика Британија, го признаа неговиот ривал Хуан Гваидо за привремен претседател.

извор: Makfax