Весникот Велт во написот под наслов „Арапите ги финансираат исламистите на Балканот” се истакнува примерот на Косово.

„Мисионерските организации на Саудиска Арабија се активни и на Косово и таму ја шират вахабистичката интерпретација на исламот, со испраќање проповедници”, се пренесува одговорот на германската влада на прашањето на пратеничката група на Левица.

Севим Дагделен, пратеничка на партијата, предупредува:

„Пред очите на Кфор Косово се разви во исламистички терористички центар во регионот. Скандалозно е тоа што благодарение на присуството на германските војници саудиските проповедници на насилство и омраза непречено можеа да ја постават идеолошката основа за тоа.

Од германската влада се бара повеќе да не ја прикажува разубавено ситуацијата на Косово и да не остава нејаснотии пред јавноста кога станува збор за конкретни бројки за регрутирањето луѓе за исламистичките терористички мрежи како ИСИС и други организации во регионот на Кфор”.

Германската влада го набљудува и сѐ поголемото влијание на Турција на Балканот. Во својот одговор таа пишува:

„Откако на власт дојде владата на АКП во 2002, и особено за време на мандатот на поранешниот министер за надворешни работи Ахмед Давутоглу, дојде до нова стратегиска ориентација на турската надворешна политика. Во екот на тоа ново ориентирање, некои политички тежишта се поставени во регионите кои порано биле дел од Османлиското царство. Турција има претензии за влијание на Западниот Балкан, и се обидува да преземе активна улога во тој регион”, проценува германската влада.

„Според сознанијата на германската влада, турскиот конфликт меѓу владејачката АКП и движењето на Фетула Ѓулен, се пренесува во балканските држави Босна и Херцеговина, Албанија, Македонија и Косово. Точно е дека турската влада по обидот за пуч во 2016 со владите на спомнатите земји засилено ги тематизираше активностите на движењето на Ѓулен. Анкара делумно бараше затворање на образовните установи кои му се припишуваат на тоа движење”, смета Берлин.

Дагделен е убедена дека на Косово, областа под контрола на Кфор, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган има одврзани раце за својата „неоосманска империјална политика” и дека тој истовремено го користи своето влијание во Косово и за политички чистки”, пишува Велт.

Истиот весник објави и напис со наслов „Хаосот на Косово”, во кој пишува дека „економијата заздравува, но тој успех го загрозува политичката криза”.

„Во Германија во летото 2015 бегалската криза се приближуваше до врвот. Покрај Сиријците и Авганистанците во земјата пристигнаа и многу луѓе од Албанија и Косово. Тие изгубија надеж дека во нивните земји нешто ќе се промени, дека таму ќе најдат работа и ќе можат да ги прехранат семејствата. Не добија азил, доброволно се вратија назад или беа протерани. За двете години кои минаа, барем на Косово нешто беше направено.

Економски во овој период одеше прилично добро, иако на ниско ниво. Владата работеше добро, ја пофали и ММФ. Но сега пак земјата се нурна во политичка криза, со што е загрозено сѐ што досега е постигнато. Владата беше урната со изгласување недоверба во парламентот. Иако ова изгледа како нормална политичка процедура, зад неа се игри околу власта, корупцијата и заштитата на воените злосторници”, пренесува Дојче веле.

Повеќе гласачи отколку жители

Австриски Курир пренесува дека „околу еден месец пред предвремените парламентарни избори на Косово медиумите известуваат за неправилности во гласачките списоци. Според телевизијата РТК паѓа во очи дека бројот на граѓани со право на глас, вклучувајќи ги и Косовците во странство, е околу 1,9 милиони, што е повеќе од бројот на жители кој изнесува 1,8 милиони”.

Медиумите големата разлика ја толкуваат со тоа што избирачките списоци со години не се актуализирани, а весникот Зери предупредува дека тие неправилности во минатото овозможувале масовни манипулации на изборите, пренесува Курир.