Велешката Топилница може да се продава
Апелацискиот суд од Скопје ја укина привремената мерка на велешкиот суд со која на доверителите им беше забрането да ја продаваат Топилницата и Фабриката за вештачко ѓубре. Сега, Основниот суд во Велес повторно ќе расправа кој е сопственик на Комбинатот и дали “Инвестас” стекнал право да биде еден од доверителите. Со претходна одлука, Апелациониот суд од Скопје, се изјасни дека “Инвестас” не е доверител во велешката Топилница.
Одлуката на скопскиот Апелациски суд е донесена откако Одборот на доверители и Стечајниот судски совет на МХК “Злетово” се жалеа. Инаку, се уште е неизвесна продажбата на велешка Топилница, која и по шестиот меѓународен тендер не е продадена. На последниот тендер се откажа холандската компанија “Ресурсис”, но се уште не и’ е вратен уплатениот депозит од 760.000 евра. Поранешните 1.400 вработени сега веруваат дека ќе нема пречки Топилницата да проработи и дел од нив да се вратат на работа. (С.А)