„Операцијата се направи. Полека го будат. Очекувањата се големи. Еднаш докторите го спасија, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам за нив. Во државата имаме многу добри доктори што ќе спасат милиони животи“, изјави рече Васил Огњановски, синот на пациентот кому ноќеска му беше трансплантирано срце.

Тој изрази сочувство до семејството на починатата жена, чие семејство го донираше нејзиното срце и бубрезите, за да спасат неколку животи.

„И благодарам на фамилијата што со донирањето спасија три животи, од кој еден е животот на татко ми“, рече Огњановски. Тој раскажува дека се се случило многу бргу. Им било јавено пред два дена дека е најдено срце и дека ќе биде извршена првата ваква трансплантација во земјава.

Тој би сакал да се сретне со семејството на донаторката, но вели дека најпрво треба да стивне нивната болка и да закрепне татко му пред да се реализира средбата. „Сакаме да им кажеме дека нејзиното срце се уште чука. Фамилиите ќе останат сплотени, а срцето е нашето единство“, рече тој.

Првата трансплантација на срце, која беше изведена ноќеска, во координација со министерот за здравство Венко Филипче ја започна и ја водеше националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска. Таа со својот тим болнички координтори д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

На експлантацијата работеа д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од Аџибадем Систина, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа др Маја Мојсова Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.

Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од Аџибадем Систина.

На Клиниката за урологија на трансплантациите на бубрезите работеа лекарски тимови под раководтсво на д-р Сашо Дохчев, д-р Александар Трифуновски, д-р Ставридис и д-р Јанчулев со тим лекари од клиниката.Во оваа постапка беа вклучени и лекарите од Институтот за трансфузиологија кои ја направија комплетната обработка за совпаѓање на донорот и на реципиентите на органи, лекарите од Институтот за радилогија кои ги направија потребните снимања, како и лекарите од Клиниката за нефрологија кои ги водеа и подготвија за трансплантација пациентите на дијализа.

извор: Makfax