x

Вардар 1961 по пауза од 30 дена ќе „војува“ и тоа против „залетаниот“ Фленсбург

kantegrel

Вардар 1961 вечерва (20:45 часот) во СЦ „Јане Сандански“ ќе го одигра првиот меч по паузата од 30 дена. Актуелниот европски првак беше жртва на Ковид-19, ги прескокна дуелите со Елверум и Пик Сегед, не по своја вина.

Но, тоа сега е минато. „Црвено-црните“ се насочени кон дуелот од 4. коло во Лигата на шампионите, за противник го имаат тимот на Фленсбург. Германскиот состав во Скопје доаѓа без пораз оваа сезона, има шест победи во низа, три во Бундес-лигата и три во европското клупско натпреварување.

На другата страна Вардар 1961 кој го игра првиот домашен меч, има еден пораз, на стартот од Мешков Брест на гостински терен. Главен проблем за Стевче Алушовски и неговите момци е долгата пауза. Одиграа две контроли со Бутел Скопје и Металург, но вечерва Фленсбург ќе биде мерило за силите, ќе ја даде вистинската слика.

„За нас ова е прв натревар на домашен терен. Еден месец немаме одиграно натпревар. Флензбург е во предност ако може да кажеме така бидејќи е во натпреварувачка форма. Ние еден месец само тренираме. Одигравме два пријателски натпревари, но не е исто. Она што го очекувам е без разлика на сè машка и борбена игра од наша страна. Го анализиравме противникот. Не сме без шанси иако го победија ПСЖ на гости и не знаат за пораз досега”, вели Стевче Алушовски.

И Фленсбург во Скопје доаѓа со проблеми, во составот ќе го нема еден од најдобрите стрелци Ласе Мелер, кој најверојатно ќе мора да оди на оперативен зафат на левата рака. 24-годишниот ракометар дојде ова лето од тимот на ГОГ, тој е еден од најдобрите во составот на германскиот клуб.

Дуелот меѓу Вардар 1961 и Фленсбург ќе биде директно пренесуван на МТВ1.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата