Вардарци по завршувањето на средбата против Беласица незадоволни од делењето на правдата со “дрва и камења” фрлаа по главниот судија Љубомир Крстевски. Најголемиот грев на “Крцулот” беше обвинувањето што на теренот му го упатил на младиот Таневски дека Управата на “црвено – црните” го продала мечот. На редовната прес-конференција за новинарите одржана во понеделникот, потпретседателот на Вардар, Борче Ристевски, најави дека ќе бара Судскиот одбор да поведе постапка против спомнатиот судија. Речено – сторено. Вардар испрати пријава, но, за жал, на погрешно име. Во дописот стои дека “црвено – црните” се незадоволни од судењето на Љубомир Крцуловски, лице што не постои на списокот на судии на ФФМ. Од нашиот најтрофеен клуб беше најавена и кривична пријава. Ако во Вардар и натаму не внимаваат на имињата, лесно може да се случи некој ни крив ни должен да се најде на суд.