Петкратниот шампион на Македонија, Вардар, е нов лидер во Првата фудбалска лига, откако пред домашната публика во 4. коло од новото првенство, со високи 5:1 го совлада Напредок од Кичево. Најрасположен за игра беше бразилскиот интернационалец со македонски пасош Вандаир, кој во листата на стрелци се запиша дури трипати. Брзоногиот напаѓач мрежата на Зердески ја погоди во 8, 18 и 90 минута. Покрај Вандаир во листата на стрелци се запишаа уште Наумов во 23 и Глигоров во 58 минута. За гостинскиот тим единствениот погодок го постигна играчот за врска Нижески во 13 минута.
“Да се постигнат пет гола не е чиста случајност. Вардар полека но сигурно влегува во натпреварувачка и голгетерска форма. Првенството е во почетна фаза, но веќе можат да се издвојат најсериозните конкуренти за титулата, а тоа се, Работнички К, Македонија и Победаè, изјави по натпреварот тренерот на црвено-црните, Драган Канатларовски.
Актуелниот шампион, Работнички К., извојува лесна победа во Штип против домашната екипа Брегалница. Гостинските напаѓачи постигнаа три погодоци, а во листата на стрелци се запишаа Алексовски, Станковски и Трајчов. Досегашниот лидер на табелата Македонија Ѓ.П. одигра само нерешено 2:2 против Башкими. За кумановскиот тим успешни беа Елмазовски и Јанчевски, а кај гостинскиот тим мрежата ја погодија Положани и Исмаили.
Дерби натпреварот на поранешните шампиони на Македонија, Победа и Силекс заврши со победа на домашниот тим од 1:0. Ударот од белата точка, во 44 минута, во гол го претвори играчот за врска, Тони Мегленски.

(М.С.) Фото: Ѓ. Личовски