Европскиот и македонски ракометен првак Вардар со сигурна победа ги почна настапите во СЕХА-лигата и на домашен терен убедливо го совлада новајлијата Пекинг Спорт Јуниверзити (37-23).

Кинескиот тим кој е составен од студенти и е стациониран во Загреб очекувано беше лесен плен за регионалниот владетел. Во ниту еден момент од мечот, Пекинг не можеше да му парира на моќниот Вардар, иако Писонеро им даде шанса на сите ракометари и цело време ротираше, со што испробуваше нови варијанти пред сериозните предизвици во новата сезона. Воедно, во ростерот на Вардар не беа Скубе, Кугис, Калараш, Дибиров, кои ќе почекаат на СЕХА-дебито оваа сезона.

Вардар во наредното коло од СЕХА се соочува со гостување во Украина каде ќе игра исто така со уште еден дебитант во натпреварувањето, со екипата на Мотор Запорожје.