x

Вардар се мачи во Порто, Кизиќ го држи во игра

Во најважниот меч досега сезонава, во кој Вардар го брка петтото место во групата Б во Лигата на шампионите против Порто, има негатива од еден гол, 11:10, на полувремето.

Голманот Марко Кизиќ со девет одбрани и Даниел Шишкарев со четири погодоци се најдобрите поединци во вардаровиот табор.

Благодарение на трите интервенции во серија на Марко Кизиќ, кој ја превзема улогата на прв голман во редовите на европскиот првак, како и на Скубе (два гола и една асистенција) и капитенот Стоилов, Вардар отвори со 1-3, а имаше шанса да ја зголеми и предноста, но не успеја во тоа по интервенцијата на Квинтана.

И наместо да држи темпо Вардар влезе во серија на технички грешки во организацијата на нападот и не профитираше многу од тоа што играше „7 на 6“ во офанзивата. Порто имаше серија од 3-0, а ниту исклучувањето на еден од домашните ракометари не им одеше во прилог на „црвено-црните“ кои примија два гола со играч помалку.

Во 16. минута Порто дојде до највисоки три гола (7:4, 9:6), а Квинтана се грижеше такво темпо да држат домашните, иако Кизиќ блескаше на вардаровиот гол и не дозволуваше ривалот да се одлепи посериозно.

Шишкарев го врати Вардар на еден негатива, 10:9, а имаа шанса и за изедначување, а откако не ја искористија, Порто казни со контра на празен гол, 11:9, со својата шестта успешна контра.

Одново Шишкарев биеше за 11:10, а потоа добрата игра во одбрана отвори простор и за егал на полувремето, но вардарци не го искористија последниот напад.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата