Пластични шишиња и други отпадоци, завчера пливаа по Вардар по целиот негов тек, носејќи го ѓубрето дури до Солун. Оваа појава, што се случува по обилни врнежи и е честа слика на нашите водотеци, му е добро позната на првиот екологист во земјава – министерот за животна средина и просторно планирање, Љубомир Јанев, според него тие потекнуваат од големиот број диви депонии кои не ги исполнуваат стандардите да бидат депонија. “Тоа е лоша последица со отпадот во земјава. Затоа треба системско решение на овој проблем и во моментов работиме на тоа. Тоа е проектот за регионална депонија за југозападна Македонија каде што со квалитетен третман на отпадот треба да бидат опфатени 35 општини со 400.000 жители. Се работи и на студија за две до три регионални депонии за источниот дел од Македонија. Неприфатливо за РМ е да се оди на индивидуално решавање на проблемот во секоја општина да постои депонија”, потенцира Јанев. (С. Бл.)