Сала во СРЦ “Кале”. Гледачи 1.500. Судии: Пала и Данаслигал од Турција. Седмерци: Вардар 5 (4), Стеауа 1 (1). Исклучувања: Вардар 20, Стеауа 20 мин. Црвен картон: Васјук и Стојановиќ (В) и Нованк (С). Вардар: Докниќ (7 одбрани), Петковски (4), Даскаловски, Ракчевиќ 8, Недановски, Васјук 4, Добрковиќ 2, Анастасовски, Маркоски, Коваленко 10, Стојановиќ 9, Алушевски 2, Петровски. Стеауа: Чобану (8 одбрани и седмерец), Лаувчак (4), Бирталан, Нованк 1, Георге, Михила, Мазилу 8, Стамате 2, Преда 3, Војна, Санија 7, Рапчуга, Василие, Чијан 8.
Ракометарите на Вардар во првиот четвртфинален натпревар од Челенџ купот, каде имаат аспирации да го освојат победничкиот пехар, во “Кале”, во прекрасна атмосфера, во натпревар со многу тензии, резултатски пад на домаќинот, непромислен потег на Стојановиќ, успеаја да го совладаат силниот романски тим Стеауа од Букурешт со 35:31 (22:13). Вардарци, ако целиот натпревар го одиграа во едно темпо, веројатно ќе ја оствареа целта – победа во Скопје со повеќе од седум години за спокоен реванш во Букурешт, но вака дадената шанса во вториот дел, Романците ја искористија и, место катастрофа, дома си заминуваат со негатива од четири голови, која внесува неизвесност на реваншот. Згора на тоа, Вардар во своите редови го немаше “топчијата” Пепи Манасков, кој поради повреда на листот на левата нога беше на трибините. Така, изостана неговата помош, која веројатно ќе беше од голема полза за неговите другари. Вардар својата иницијатива успеа да ја реализира со водство дури по 15-16 минути игра, бидејќи до тогаш беше нерешено (5:5 ), а потоа откако максимално профункционира нападот “црвено-црните” поведоа со 9:6, а по еуфоричната игра до крајот на првото полувреме имаа позитива и од 10 голови – 22:12 (29 мин.). Се чинеше дека во второто полувреме Романците ќе доживеат катастрофа, зашто никако не успеваа да одговорат на убавата, распеана и ефикасна игра на домаќинот. Ракчевиќ и Стојановиќ беа незадржливи во нападот, Васјук беше господар во одбраната, но, подоцна концепцијата на тренерот Стојан Петрушевски се растури, по двете исклучувања на Васјук и на Стојановиќ. Првиот во 38 минута доби трет жолт картон, и автоматско исклучување, а Стојановиќ во 47. минута, кога Вардар имаше водство од 31:24, направи непромислен потег. Брзата контра српскиот интернационалец ја претвори во гол, притоа беше фаулиран од одличниот романски голман Чобану, на ова Стојановиќ реагираше непромислено. Откако стана, го удри со глава противничкиот голман, а турските судии, кои подлегнаа на “глумата” на Романците, му покажаа црвен картон. По ова Вардар ја загуби динамиката во нападот, Романците во своите редови имаа двајца извонредни поединци во средниот бек Мазилу и во десното крило Чијан и се приближија на подносливи 4-5 голови негатива. На пет минути пред крајот Вардар имаше 33:29, но очигледно беше дека екипата не функционира добро без Васјук и Стојановиќ. При 35:31, во последната секунда Коваленко не реализира пенал и Вардар остана да патува во Букурешт на реваншот само со плус “четири”.
Тренерот Стојан Петрушевски со многу нервоза во финишот ја водеше својата екипа и жали за испуштената убедлива победа.
– Васјук ја држеше целата игра во одбраната, а во нападот Стојановиќ и Ракчевиќ беа наши адути. Во вториот дел им советував на играчите да играат бавно, на сигурен напад, зашто имавме предност од 9 голови, но сета наша концепција падна во вода по двете исклучувања. Згора на тоа, голманите не се прославија, но да кажам и тоа дека Докниќ бранеше со температура. Предноста од четири гола за реваншот може да биде мала, но и голема.


Вилизар ПАВЛОВ ФОТО: В. ПЕРКОВСКИ