ВАРДАРЦИ ПРОТИВ СВОИТЕ
Заради учеството на нашите претставници во Лигата на шампионите и во КПК за мажи, одложеното дерби од 3. коло на машкото суперлигашко првенство меѓу актуелниот првак Вардар и битолски Пелистер Кометал, ќе се одигра вечерва во “Кале” (18 ч.). Во првиот настап во новата сезона на меѓународна сцена и вардарци и пелистерци доживеаја порази, па, така, шанса за докажување имаат вечерва во меѓусебната пресметка. Вардар е во предност заради домашниот мегдан, но и новиот реновиран состав со петмина интернационалци од СЦГ, со што екипата е посилна, а деновиве во Скопје на проба е и десниот бек на Црвена звезда, Александар Стојановиќ, па, можеби и тој ќе игра. Пелистерци во паузата меѓу двете првенства во Битола ги доведоа вардаровите играчи Алушевски, Јовиќ и неодамна повратникот од Франција, Димовски. Затоа ќе биде интересно да се види како поранешните вардарци ќе играат против своите. Во Пелистер Кометал од Вардар премина и легендата на македонскиот ракомет, Пепи Манасков, но заради инцидентот што го направи на суперлигашкиот натпревар со Металург пролетта, нема право на настап за битолчани во домашното првенство, туку само на меѓународна сцена. (В.П.)