Синоќа е уништен еден од головите на спортското игралиште во новоизградениот парк во Мичурин. Од прес-службата на Општина Аеродром информираат дека бил исечен и кабел за струја со што сторителите директно се изложиле себеси, но и другите граѓани на голема опасност. Овој вандалски чин го осуди и градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин, кој истакна дека случајот е пријавен во полиција.

– Би сакал да посочам дека граѓаните не смеат да ги отвораат орманите за струја што наоѓаат на спортските игралишта затоа што со тоа го доведуваат својот живот во опасност. Постои посебна служба што се грижи за јавното осветлување и доколку имате забелешка пријавете во општината, посочува Марин и апелира за повисока граѓанска свест и одговорност при зачувување на заедничкиот имот, затоа што, како што вели, сето она што се гради припаѓа на секој од нас.

Синоќа урбана опрема била уништена и во Паркот на езерата, како и на спортското игралиште во близина на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, каде што претходно биле исклучени рефлекторите.