Вандаир “виси” – Тасевски си оди
На вчерашната прес-конференција во Вардар, покрај вообичаените анализи на изминатите два натпревари со тренерот Вујадин Станојковиќ, се разговараше и за физиономијата на екипата за наредната сезона. Популарниот Вујо нагласи дека сака под своја команда во наредниот натпреварувачки циклус да ги има Влатко Гроздановски, Дарко Тасевски и Вандаир, но реалноста е сосема поинаква. Претставниците на Омонија веќе најавиле намера да преговараат за откупување на Гроздановски, додека Тасевски, кому договорот му истекува во јуни, ги собира касетите со неговите настапи во Интертото купот и има намера да замине на “печалба”. Засега не е позната иднината на Вандаир, кој од летово ќе биде слободен играч. Во меѓувреме, довчерашниот фудбалер на Вардар, Јовица Трајчев успешно ја мина пробата во Генк и белгискиот клуб веќе испратил барање за издавење на сертификат и негово регистрирање за претстојната сезона. Што се однесува до засилувањата во нашиот најтрофеен клуб Станојковиќ за преодниот рок најави подмладување на екипата, преговори со еден или двајца интернационалци и со неколку поевтини, но квалитетни домашни играчи. (С.Д.)