Во интервју за „Слободен печат“, старо-новиот министер за здравство открива дека ќе се набавува оксфордската вакцина од компанијата „АстраЗенека“ која ќе се користи и во земјите од ЕУ.

Како што вели Филипче, државата ќе издвои буџет и вакцинирањето против Ковид -19 ќе биде бесплатно.

Имаме два механизми во овој момент за набавка. Едниот е Ковакс механизмот, преку СЗО и Алијансата за имунизација. Потпишавме писмо на намери и овој механизам им овозможува на земјите рамноправно да им бидат распределени вакцините според бројот на населението тогаш кога ќе излезат на пазарот, од секој последователен производител. Во меѓувреме, добивме и понуда од полската амбасада, за што сакам да му изразам благодарност на амбасадорот на Полска во нашата земја. Земјите членки на Европската Унија потпишаа билатерални договори со компанијата која работи на оксфордската вакцина „АстраЗенека“. Добивме понуда Полска да набави соодветна количина и за нас, заради тоа што нема да имаме можност за билатерален договор. Дефинитивно, со двата механизми обезбедуваме дека вакцината ќе биде достапна и за нашите граѓани, бесплатно – вели Филипче.