“До состанок на словенечката и хрватската влада би можело да дојде, доколку Загреб покаже конструктивност и се усогласат текстовите на спогодбите што се во подготовка” – изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша, при посетата на Прекумурје и реонот на Хотиза на Мура каде лани дојде до пограничен спор меѓу двете земји. Замолен да ја искоментира изјавата на колегата Иво Санадер дека словенечко-хрватската средба на врвот не е откажана, алудирајќи дека до неа најверојатно ќе дојде, Јанша кусо одгворил:
“Средбата не ни била свикана, па затоа не е ни откажана. Тоа е само опција која останува”.
За односите со Хрватска на жителите на Хотиза им се обрати и словенечкиот министер за надворешни работи Димитриј Рупел. Тој нагласи дека ситуацијата во односите годинава ја комплицираат и изборите во Хрватска:
“Треба да се биде внимателен, бидејќи пред изборите се ветуваат многу нешта кои подоцна не се исполнуваат. Затоа по изборите ќе има време да се постигне некаква спогодба со Хрватска, за што, словенечката влада се подготвува”. Рупел особено потенцира дека е важно Словенија да не направи некоја грешка на своја сметка во периодот на преговорите на Хрватска за влегување во Европската унија.