Буџетот за 2006 – “весела математика”!
Буџетот за 2006 е неинвентивен, без проекции за развој, наспроти фалбите на власта дека вака скроената државна каса е добра и дека ја отсликува реалноста и можностите на домашната економија. Ова беа главните напади на опозицијата на вториот ден од општата расправа за Предлог-буџетот за идната година.
Пратеникот Илија Китановски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочи дека економски раст е на незадоволително ниво и дека ако продолжиме со сегашната стапка на раст ќе ни бидат потребни 63 години да го достигнеме просечниот раст на земјите-членки на ЕУ. “Сведоци на тоа би биле сегашните новороденчиња кои тогаш би имале 63 години”, рече Китановски.
“Ако нам ни требаат 63 години за постигнување просечен раст тогаш со вашето и работењето на вашите сопартијци ќе ни требаат 263 години”, реплицираше на излагањето на Китановски, Есад Рахиќ од СДСМ Граѓаните следната година не можат да сметаат на подобро живеење ако се земат предвид проекциите што ги изнесе за Буџетот министерот за финансии Никола Поповски, а според кои во 2006 година ќе има ист раст на производство и на бруто-домашниот производ како и минатата година, смета Блаже Стојаноски од ВМРО-НП. За него е нелогично очекувањето на власта за развој на економијата, со оглед на фактот што никаде во буџетот не се споменуваат странските и домашните инвестиции. Стојаноски и порача на власта да престане со веселата математика во презентирањето на бројката на невработените и стопанскиот раст.
Иван Атанасовски од СДСМ го поддржува предложениот буџет, но побара рационално трошење на парите од буџетот што се наменети за образованието и науката, кои се зголемени за 4, 20 проценти. Според него, дел од парите не треба да се трошат за изградба на нов студентски дом, туку да се модернизираат постојните и во нив да се обезбедат услови за живот на студентите. Аднан Јашари од ДУИ оцени дека Предлог-буџетот за 2006 година е транспарентен и е проектиран врз основа на подобрувањата на показателите од годинава. Емилија Костадинова од СДСМ оцени дека Буџетот не може да биде реализатор и катализатор на сите барања и потреби, а треба да бидеме и свесни дека потребите се поголеми од можностите”, рече Костадинова.
Весна М. БОЖИНОВСКА