Премиерот Владо Бучковски тврди дека приватизацијата на ЕСМ е најтранспарентно водениот процес досега. “Условно речено, првпат носителот на проектот – Владата, прифати дел од забелешките не само на опозицијата и на експертите на Светска банка, туку во меѓувреме направивме еден меѓучекор и поделба на Електростопанство, на делот што во овој момент го приватизираме – на дистрибуцијата, а електраните останаа за подоцнежна фаза, така што нема потреба да бидат нервозни во ВМРО-ДПМНЕ”, рече Бучковски.
“Интересот е голем, а сите забелешки што во меѓувреме стигнуваат на сметка на Владата делумно се упатени и кон нашите консултанти. Не може нашиот консултант, сега првпат јавно да се конфронтирам со него, во 2001 година да инсистира да се продаде ЕСМ веднаш, како целина и да се убедуваат тогашните пратеници дури да го гласаат законот во Парламентот, а денес, од друга страна, истиот тој консултант да се обидува, со ситни забелешки што ги дава на крајот од процесот, да тврди дека бил воден премногу брзо”, нагласи Бучковски. Тој појасни дека процесот започна со именувањето на Мајнел банката како консултант на претходната Влада, што сегашната Влада, како што рече, го прифати. “Значи, ние имаме процес на приватизација на ЕСМ од 2001 година, кој верувам дека успешно ќе заврши”, Според него, правени се многу опструкции од ВМРО-ДПМНЕ да не успее продажбата на ЕСМ, за како што рече, евентуално надевајќи се дека ќе победат на следните избори. “Нека не се секираат, нема да победат”, рече Бучковски.