Несоодветно е да се очекува едната страна во преговорите да изврши политичко самоубиство. Неприфатливо е оспорувањето на македонската нација и јазик. Ваков е ставот на група бугарски интелектуалци кои напишаа отворено писмо упатено до бугарскиот премиер Бојко Борисов, министерката за внатрешни работи Екатерина Захариева, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Софија, како и до канцеларијата на ЕУ во Бугарија.

Во писмото, интелектуалците бараат од бугарската влада веднаш да го одобри почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, а дебатите, наместо за историски прашања, да се водат за соработка во културата, економијата, политиката и екологијата.

Во писмото на бугарските интелектуалци се предлага транспортната инфраструктура меѓу Бугарија и Македонија на Коридорот 8 да биде именувана „Гоце Делчев“, што би се сметало за еден од првите чекори во меѓудржавната соработка.

„Нема ли токму тоа да биде оној симбол, наследство од минатото, кој не го дели, туку го зближува народот од двете страни на границата?“, се наведува во писмото.

Понатаму се вели дека исклучително загрижувачки е фактот што Република Бугарија го блокира почетокот на процесот на преговорите, со аргумент кој е неразбирлив за современите меѓународни односи.

Според нивното мислење, Бугарија ќе претрпи голема штета на имиџот на различни ненационални нивоа, со непредвидливи последици.

Зад дописот стојат 30 бугарските интелектуалци – историчари, социолози, политолози, економисти, правници, новинари, активисти за човекови права, психолози.

извор: Makfax