„Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски е дел од Европската народна партија, заради неговите обвинувања на сметка на Бугарија и неговите повикувања да не се почитуваат договорите, не можеме, а да не го покренеме ова прашање пред таа партија”, рече европратеникот Андреј Ковачев во изјава за бугарската агенција БГНЕС.

Кристијан Мицкоски лаже и прави манипулација со секој збор, обидувајќи се да освои некоја политичка дивиденда, изјави Ковачев. За тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМЕ Мицкоски дека Бугарија сака да ја грабне Македонија, Ковачев рече дека е тоа обична глупост, апсолутна лага.

Тој рече дека Бугарија во 2001 година застанала цврсто зад Македонија со поддршка на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет и била една од првите членки на НАТО кои го ратификувале влезот на земјата во Алијансата.

Единствено што сакаме е да се обединиме околу историската вистина, за таа да не нѐ разделува и да биде повод за омраза и поделба меѓу луѓето, рече Ковачев, кој за Гоце Делчев и Дамјан Груев вели дека се дел од заедничка историја и кој во подолгата изјава се навраќа длабоко во историјата и прави своја анализа на улогата на разните струи на ВМРО.