Нов дипломатски пораз на владата на премиерот Зоран Заев. Помпезно најавуваната посета на Бугарија од страна на новиот министер за надворешни работи, Бујар Османи заврши со неуспех.

Пропадна планот на министерот Османи ја убеди бугарската страна да не ја блокира Македонија на патот кон ЕУ, без исполнување на бугарските услови. Се што доби, Османи во Софија беше рок до ноември и предупредување дека Бугарија нема да попушти за барањата од Меморандумот кој беше испратен до Европската Унија.

Проблемот кој ни го создаде Договорот кој го потпиша премиерот Зоран Заев со Бугарија, сега доби рок на исполнување. Дојде денот кога мора да се испорача се што прифатил премиерот Заев кога го потпишуваше Договорот со Бугарија.

Борисов порача дека Македонија ја чека многу работа, и дека мора да се испорачаат бугарските барања за да постигне компромис до 10 ноември, кога Бугарија и Македонија ќе копретседаваат со Самитот на Берлинскиот процес. Бугарскиот премиер притоа го предупреди министерот Османи дека тоа е нешто што мора да го направиме и околу тоа не треба да има политички игри.

– Вашите граѓани треба да знаат дека во Бугарија имате и сте имале најголема поддршка и дека ние само треба да ја направиме историјата мост на пријателството и блискоста, а не скршен мост на кој Македонија не може да помине. Значи тука не треба да има политички игри, изјави бугарскиот премиер, Борисов.

Сепак, поостра и подиректна беше бугарската колешка на Османи, Екатерина Захариева. Таа порача дека бугарскиот Меморандум не треба да е изненадувачки. Според неа македонската страна треба да го почитува договорот кој го потпиша владата на Заев со Бугарија и да не создава проблем, како што рече таму каде што нема.

– Навистина сум зачудена што овој меморандум се доживува како нешто изненадувачко. Немаме ништо против македонските граѓани да се самоопределат како сакаат. Имаме договор во кој има клаузула за јазикот и сакаме така да се третира. Немаме никакви нови претензии. Апелирам и се надевам да не се создаваат проблеми таму каде што ги нема, изјави Захариева.

Пораките на бугарскиот премиер Борисов, и министерката за надворешни работи, Захариева, укажуваат дека за Бугарија Меморандумот е обврзувачки и за него нема попуштање и преговори. Тие сметаат дека со потпишаниот Договор за добрососедство и пријателство од 2017 година, Македонија се обврзала на исполнување на бугарските барања за Гоце Делчев, историјата и јазикот.

Тоа значи дека до 10 ноември владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев, мора да се откаже од македонскиот јазик и да прифати дека тој е дијалект на бугарскиот. Понатаму дека македонската нација е измислена во 1944 година и целата историја пред таа година и припаѓа на Бугарија, што значи македонско откажување од Гоце Делчев, но и дека не постои македонско малцинство во Бугарија.

Бугарија смета дека спроведувањето на Меморандумот е законски обврзувачки, бидејќи според нив земја кандидат не треба да внесува отворени прашања во ЕУ, особено во однос на земјите-членки, а Македонија ако сака да биде дел од ЕУ мора се да прифати.