Бугарија ги средува последните планови за почеток на изградбата на Јужен текк на нејзината територија, а Србија се подготвува за градба на главниот цевковод.
Српската министерка Зорана Михајловиќ изјави дека во договор со руските партнери, очекува изградбата на гасоводот Јужен текк низ Србија да започне во 2013 година, со што ги отфрли шпекулациите дека целиот проект ќе биде одложен за 2014-та година.
Таа потсети и дека во меѓувреме се води дебата во српскиот парламент за носење посебен закон кој треба да го забрза спроведувањето на проектот Јужен тек.

Изградбата на гасоводот во Русија започна кон крајот на минатата година, а Србија најави дека работите на главниот цевковод во која Србија вложува 1,7 милијарди евра, ќе започнат во првиот квартал од оваа година. Бугарија веќе се подготвува и од компанијата која ќе гради гасоводот објавија на својата веб-страница извештај за нивните идни чекори. Според документот, подводниот дел на трасата ќе биде граден во четири фази. Трасата во должина од 930 километри ќе тргнува од рускиот град Анапа и ќе поминува низ бугарската и турската економска зона во Црното Море.
– Цевките излегуваат крај Варна и по три километри на копно, ќе се вклучат во бугарската преносна мрежа за гас – објаснуваат од компанијата.

За да ги заштитат плажите и водите од загадување при евентуални несреќи, цевките ќе бидат закопани во песок на длабочина од 2,5 метри пред да излезат на површината. Во остатокот од подводна рута, цевките ќе бидат поставени директно на морското дно.
Според планот, рокот за забелешки за изготвениот проект истекува на 22-ри февруари, по што ќе биде договорено кога и официјално ќе почнат градежните работи.