Во Прилеп денеска се регистрирани три нови случаи на лица инфицирани со коронавирусот и вкупната бројка достигна 103 заразени лица. Во самоизолација се 422 лица, а изминатата ноќ граѓаните го почитувале полицискиот час и не се забележани негови прекршувања.

Прилепските градски власти ги информираат земјоделците кои не се регистрираа, а имаат потреба за работа во поле да го известат Општинскиот кризен штаб.

– Земјоделците кои не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, а кои имаат потреба за извршување на земјоделски активности од сабота, 18, до вторник 21 април,  да го известат Општинскиот кризен штаб на телефонскиот број 0800 00 210 каде ќе ја најават потребата од дневна земјоделска активност. Потребата за движење треба да се најави еден ден претходно, најдоцна до 20 часот. Притоа, точно треба да дефинираат времето и местото на извршување на земјоделските активности. Нема да сe издаваат дозволи за движење, туку само ќе се евидентираат земјоделците кои го пријавиле своето барање за непречено движење поради извршување земјоделски активности, а потоа списокот на лицата ќе биде доставен до надлежните полициски организациски единици. На овој начин на неевидентираните земјоделци ќе им се овозможи непречено движење во викенд деновите, со цел извршување на тековните земјоделски активности, соопштија прилепските градски власти.