По речиси пет години, откако Могамед Ибрагимов го освои бронзениот медал на ОИ во Сиднеј, македонскиот боречки спорт во слободен стил има причина за големо славје. Дебитантот во нашата репрезентација, извонредниот Мурад Рамазанов, на вчера завршеното Европско првенство во Варна, го освои бронзениот медал во категоријата до 60 килограми. Во борба за третото место, тој во супериорен стил, го совладал Унгарецот Гергељи Сабо со 3:0 (4:0, 2:0 по рунди). Во моментите на радост, ние ќе речеме штета, бидејќи постоеја реална шанса, нашиот борач да се бори и за златото, но судиската неправда во полуфиналниот меч против Французинот Дидие Паис го оневозможи во тоа. Имено, според нашите информации од Варна, мечот речиси бил завршен во полза на нашиот репрезентативец, кога на две секунди пред крајот ја нагазил линијата на душекот, а судиите тоа го протолкувале како одбегнување на контакт, по што пресудиле во корист на Французинот. Но, сите честитки за Мурад, од кого и во иднина можеме да очекуваме врвни резултати. Успехот е дотолку поголем, кога се знае дека на ЕП учествувале дури седум олимписки шампиони од Атина, минатата година. Во оваа категорија, златниот медал го освоил Украинецот Васил Федоришин, а среброто, Французинот Дидие Паис. (С.Х.)