Шефот на моментно најдобрата екипа во годинашново првенство на Формула 1, Флавио Бријаторе, сака во наредните неколку сезони една од трките во големиот “циркус на четири тркала” да биде возена во Њујорк. На ваквата помисла Италијанецот дошол по презентацијата на тимот на “Рено” во Рим. “Мојот сон е една трка од првенството во Ф1 да биде возена на улиците во Њујорк. Секогаш сум бил и сум останал за градски патеки. бидејќи на тој начин Формула 1 е поблиску до луѓето кои се луди по неа”, вели Флавио Бријаторе. Во неделата околу познатиот Цирко Максимус во Рим италијанскиот возач Џанкарло Физикела ги воодушеви 25.000 гледачи, кои не можеше да ги спречи ни дождот да ја видат единствената презентација на болидот на “Рено”. “Формула 1 мора да им се приближи на луѓето. На патеката постои ограда, што ги одделува гледачите од патеката. Затоа ваквите денови се битни”, вели Бријаторе. Пред настапот во Рим, болидите на “Рено” беа претставени и на улиците во Лион, Москва и Мадрид.