Поранешниот британски министер во владите на Маргарет Тачер, Џон Мејџор и Дејвид Камерон, а сега пратеник на владејачката Конзервативна партија, Кенет Кларк ги обвини Британците дека станале антиимигранти.

Во дебатата во Долниот дом на Парламентот за предлог-законот за процесот на извлекување на Британија од ЕУ, Кларк истакна дека целата постапка за Брегзит се заснова на спротивставувањето на мигрантите.

Целата ситуација во земјата, овој британски проевропски политичар, кој е против Брегзит, ја означува како „катастрофална” и смета дека Британија и Британците живеат во „налудничав свет”.

Во гласањето во средата ноќта, големо мнозинство од 498 пратеници гласаа за владиниот предлог-закон. Против беа 114 пратеници, сите од Либералдемократската партија и од Шкотската национална партија (СНП), како и 47 пратеници од Лабуристичката партија, чие големо мнозинство го поддржа владиниот предлог-закон и само еден од ториевците – Кенет Кларк.

Изјавата на Кларк доаѓа во време кога американската, британската и европската јавност гневно реагираат на декретот на претседателот на САД Доналд Трамп со кој се забранува влез на државјани на седум муслимански земји.

Главниот дел од кампањата за британскиот референдум за ЕУ, од 23 јуни, минатата година, како и целата политичка и медиумска реторика на приврзаниците на Брегзит, беа насочени против мигрантите од земјите на ЕУ, а посебно на оние од источноевропските држави, сега членки на Унијата.

Британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис ги предупреди сите кои ќе гласаат против владиниот предлог-закон дека „практично, го игнорираат резултатот од референдумот” на кои приврзаниците за излез од ЕУ добија 51,9 а оние кои беа против освоија 48,1 отсто од гласовите на Британците.