Претседателот на Долниот дом на британскиот парламент денеска одобри итна расправа за излегувањето на Велика Британија од Европската унија без договор, на барање на пратениците кои сакаат да го блокираат ваквото сценарио.

Џон Берков ја одобри итна расправа што треба да заврши доцна во ноќта со гласање што би можело да им овозможи на пратениците да донесат закон со кој на 31. октомври би се спречил брегзит без договор.

Пратениците, вклучително и некои од конзервативците на премиерот Борис Џонсон, повикаа на итна расправа откако премиерот минатата недела одлучи да ја суспендира работата на парламентот од средината на септември до средината на октомври.

Лидерот на опозициските лабуристи, Џереми Корбин, рече дека гласањето во парламентот за продолжување на рокот за брегзит е последната шанса да се спречи излез на земјата од ЕУ без никаква спогодба со блокот.

„Ова е последна шанса, да ја искористиме оваа можност. Ако не направиме нешто денес, можеби нема да добиеме втора шанса. Без разлика дали луѓето гласаа за излез од Унијата или не, тие не гласаа да ја прекинат демократијата“, рече Корбин.

Џонсон претходно ги предупреди конзервативците кои ќе гласаат против ставот на владата или ќе апстинираат дека ќе бидат протерани од парламентарната група на партијата.

Откако неговата партија го загуби мнозинството во парламентот, биританскиот премиер порача дека плановите на револтираните конзервативци да го блокираат брегзитот без договор, на кој владата инсистира доколку не се постигне нов договор со ЕУ, ќе ги уништи сите шанси за преговори за нова спогодба.

Всушност, Џонсон смета дека заканата со брегзит без договор е неопходна за да се присили Европската Унија да направи отстапки во преговорите.

извор: Makfax