Британската Влада по препорака на Изборната комисија ќе го преформулира референдумското прашање за останување во Европската унија.

Првичното прашање беше „Дали Велика Британија треба да остане членка на ЕУ? на кое би требало да се одговори со „да” или со „не”, а според новата препорака гласачите ќе бидат запрашани дали сакаат да останат во ЕУ или да ја напуштат.

Промената на референдумското прашање е откако лицата кои се за напуштање на ЕУ првобитниот предлог го оценија како неправеден бидејќи според нив, е во корист на заговорниците кои се за останување на Велика Британија во Унијата.

По јавните консултации Изборната комисија препорача референдумското прашање да гласи – „Дали Велика Британија треба да остане членка на ЕУ или да ја напушти ЕУ?”, а можните одговори ќе бидат „Да остане членка на ЕУ” и „Да ја напушти ЕУ”.

Конзервативниот премиер Дејвид Камерон вети дека повторно ќе преговара за односите на Велика Британија со ЕУ и оти до крајот на 2017 година ќе биде одржан референдум.