Брисел очекува лидерите на најголемите политички партии во Република Македонија што е можно поскоро да се договорат и да стават крај на политичката криза во земјава. Дипломатски извори за Вечер велат дека Европската комисија очекува следната лидерска средба да се случи час поскоро и до крајот на оваа недела македонските лидери да излезат со конкретен договор што ќе го презентираат пред Брисел, по што во реализацијата ќе се вклучи и еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, кој се очекува да ги покани на бриселско тло лидерите на најголемите македонски политички партии.

Македонските аналитичари коментираат дека е разбирливо што Хан чека конкретен договор за да асистира, откако на почетокот на јуни во Брисел со посредство на еврокомесарот извиси договорот за излез од политичката криза. Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски исто така смета дека доколку има договор, тоа ќе се случи до крајот на оваа недела, затоа што после тоа би можело да биде и доцна.

– На последната лидерска средба, претседателите на најголемите политички партии во земјава ни испратија идентични пораки. Ќе се направи последен обид за да се постигне договор. Времето изминува, постојат рокови во однос на обврските што ги презеде македонската влада за итните мерки за реформи што ги предложи комесарот Хан и експертската комисија на ЕК, а кои се однесуваат на македонското судство, изборните реформи и медиумски слободи. Доколку има договор, се ќе биде многу поедноставно. Има надеж. Верувам дека до крајот на неделава може да се постигне договор. И ако има можност за постигнување договор, ќе се вклучи и Хан. Тој направи се што можеше во Брисел. Сега останува на македонските политичари дали ќе отстапат од своите позиции, вели Божиновски.

Во меѓувреме, Европската комисија вчера го поздрави продолжувањето на дискусиите меѓу лидерите на најголемите политички партии во Македонија и посочи дека е важна имплементација и адресирање на листата итни реформи што ЕК ги побара минатата недела од македонската држава. Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, го потврди ставот на официјален Брисел дека има надеж од продолжувањето на дијалогот за ставање крај на политичката криза во Македонија и оти итните реформи што ги побара ЕК е најважно да се решаваат.

– Она што можам да го кажам е дека го поздравуваме продолжувањето на дискусиите на лидерите на политичките партии во Македонија, вклучително и имплементацијата на препораките што ЕК ги претстави и се однесуваат на договорот од 2 јуни. Ние очекуваме конкретни резултати од овие разговори во блиска иднина. Знаете дека комесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, изрази подготвеност да посредува и тоа останува случај, а и разговорите се случија во присуство на амбасадорот на ЕУ, истакна Коцијанчич.

Коцијанчич посочи дека во оваа фаза од политичките дискусии во Македонија не е потврдена можна посета на еврокомесарот Хан. Таа истакна дека во процесот на посредување за политичката криза во Македонија, важна улога имаат и членови на Европскиот парламент што доаѓаат од различни политички групи и дека сето тоа е во поддршка на фактот дека е потребен договор во Македонија меѓу лидерите на четирите главни политички партии.

– Тоа е договор што треба да се постигне на ниво на политички лидери во земјата, а ЕУ ја постави својата позиција многу јасно, изјави Коцијанчич.

На последната лидерска средба, која траеше нешто повеќе од еден час, повторно беа присутни амбасадорите на ЕУ и на САД во земјава, Аиво Орав и Џес Бејли. Според соопштението што партиите го лиферуваа по завршувањето на средбата во понеделникот, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на СДСМ, Зоран Заев, на ДУИ, Али Ахмети и на ДПА, Мендух Тачи ги продолжиле дискусиите за точната организација на владата што ќе ги подготви изборите, како што е предвидено во шестата точка од договорот од 2 јуни. Груевски, Заев, Ахмети и Тачи се договориле да се состанат повторно во деновите што следуваат, не прецизирајќи точно кога тоа може да се случи.

– Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, го претстави владиниот нацрт-план за примена на препораките што се однесуваат на системски реформи во областа на владеење на правото што е потребно да се спроведат согласно точката шест од договорот од 2 јуни, се наведува во текстот.

Претходно, партиските лидери се сретнаа на 19 јуни, но притисокот од Брисел и преземените обврски, овој пат не им дозволуваат на македонските политичари пауза од десетина дена.
Според договорот од 2 јуни, постигнат меѓу четворицата лидери во присуство на еврокомесарот Јоханес Хан, предвремени парламентарни избори во земјата треба да се одржат до крајот на април следната година. (В.С.)