Во пресрет на самитот најавен како момент на вистината за брегзит, разликите се и натаму големи, анализираат светските медиуми. ЕУ сака гаранции дека меѓу Северна Ирска и Република Ирска нема да биде вратена физичка граница. Но за Лондон не е прифатливо целата земја или само Северна Ирска на неопределено време да остане во царинската унија со Брисел за да се избегне гранична контрола.

„Се уште има отворени прашања, но се надевам на постигнување договор кој сите го посакуваат и кој ќе биде во интерес и на Велика Британија и на ЕУ“ изјави британската премиерка Тереза Меј.

Според најавите, очекувањата се дека можен договор би се постигнал до крајот на годината. Меј вечерва во Брисел ќе има обраќање пред лидерите на ЕУ за тоа каде го гледа можното решение, по што тие на работната вечера во формат без британската премиерка, ќе одлучат за продолжението на преговорите.

извор: Makfax